Skip to main content

VI одделение: Тема: Стариот Рим; Лекција (1): Основање на Римската држава

Почитувани ученици, пред да започнеме уште еднаш да ви напоменам дека блогов ќе ви служи како дополнително помагало при совладување на материјалот. Тука ќе прочитате повеќе работи отколку во учебникот се со цел полесно да го совладате материјалот кој го имате во него.
Со оглед на тоа дека ја завршивме темата „Македонија во Стариот Век“ сега започнуваме со нова тема која носи наслов „Стариот Рим“. Во оваа тема ќе учиме за познатата Римска држава која од една обична мала државичка станала сила број еден.
Првата лекција од оваа тема носи наслов „Основање на Римската држава“ која во учебникот е на страна 74 и страна 75. Додека читате од блогов нека ви биде и учебникот пред вас и читајте комбинирано. Секако, пред вас нека има и по некое овошје и вода.
А сега, да се фатиме за работа! Одиме со првата лекција од новата тема!


Основање на Римската држава

Територија и население
Како и секоја лекција која ја учевме претходно за некоја држава и народ, најпрвин разговараме за нејзината територија и население. Па така, и во оваа лекција ќе започнеме со населението и територијата на која се создала и развила Римската држава.
На почеток да се потсетиме на минатата тема „Македонија во Стариот век“. Во првата лекција разговаравме за територијата и населението во Македонија. Рековме дека Македонија се наоѓа на Балканскиот Полуостров и дека внатрешноста односно планинските предели биле познати под името Горна Македонија, додека пак јужниот низински дел кој излегувал на море како Долна Македонија. Исто така рековме дека древна Македонија изобилувала со бројни планини, пасишта, реки, езера, речни долини и котлини. Благодарение на сето ова, населението во Македонија се занимавало со земјоделство, сточарство, лов и риболов, но било развиено и занаетчиството и трговијата. На овој начин ќе ја започнеме и оваа лекција.
Римската држава била основана на Апенинскиот Полуостров. Овој полуостров на северниот дел бил поврзан со Европа додека пак од останатите страни бил опколен со мориња. На картата може да видите дека Апенинскиот Полуостров има мошне интересен изглед. Кликни на картата!




Северниот дел на Апенинскиот Полуостров е претежно рамничарски и е погоден за развој на земјоделството, додека пак средниот и јужниот дел се претежно планински со бројни богати пасишта и се одличен за развој на сточарството. Климата тука е блага, а почвата плодна.
Како и во Македонија, така и на Апенинскиот Полуостров живееле бројни древни племиња. Ние ќе издвоиме неколку, и тоа: Етрурци, Оски, Умбри и Латини. Етрурците се сметаат за најстари жители на полуостровот и во одреден период од историјата биле моќни, односно влијателни. Тие живееле во градови-кралства со развиена култура и уметност. Имале канализација, водовод и улиците им биле поплочени.
Латините пак имале значајна улога при основањето на Римската држава.

Основање на Рим
А сега да видиме како бил основан Рим.
Латините живееле во средишниот дел на Апенинскиот Полуостров, односно на левиот брег од реката Тибар во населби на седум блиски ритчиња. Етрурците пак живееле од другата страна на реката Тибар и често воспоставувале контакти со Латините. Тие тргувале меѓусебно и благодарение на честата комуникација Латините прифатиле голем дел од културата на Етрурците, и тоа доволно говори колку било влијателно ова племе. Но исто така овие племиња често војувале. За да се заштитат Латините, населбите од седумте ритчиња се обединиле и така настанал градот Рим. Па така, сега веќе ги имаме првите никулци од Римската држава.
Римскиот историчар Тит Ливиј кој живеел во првиот век пред нашата ера за местоположбата на Рим напишал:
„Боговите и луѓето имале многу причини да го изберат ова место за да основаат град: цврсти бедеми; пристапен пат, кој ни носи плодови од внатрешноста, и овозможува истовар на стока од морето; море доволно близу за нашите потреби, а сепак не преблизу за да се плашиме од нападите на туѓа морнарица; место во средиштето на полуостровот, како создадено за процут на градот...“ (текстов го имате во учебникот на страна 75 во делот „знаете ли дека“)
Како што може да видиме Тит Ливиј не известува за одличната местоположба на Рим, место кое нудело одлични услови за економски развој и благосостојба на тамошното население, но и одлично место за заштита од непријателите.
При тие судири помеѓу Латините и Етрурците, во шеститот век пред нашата ера победиле Етрурците и Рим потпаднал под нивна власт.
Но во 509 год. пред н. е. Римјаните го протерале последниот крал и се ослободиле од власта на Етрурците. За ова подетално ќе разговараме во наредната лекција.

Легендата за основањето на градот Рим

За основањето на градот Рим имаме сочувано една легенда. Според неа градот Рим бил основан во 753 год. пред н. е. Но, пред да преминеме на оваа легенда, прво да се потсетиме - што е тоа легенда?
Легенда е приказна за далечни случувања каде човекот имал главна улога и прашање е колку од тие случувања се вистина но, рековме дека во секоја легенда има барем зрно вистина. А сега да преминеме на легендата за основањето на градот Рим.
Според легендата постоел некој си крал кој се викал Нумитор. Овој крал бил симнат од власт од страна на неговиот брат Амулиј. Амулиј покрај тоа што на сила се дограбил за престолот, тој го убил синот на Нумитор бидејќи му претставувал сериозна закана за неговиот престол, додека пак ќерката на брата си Реа Силвија ја завештал за весталка (свештеница) се со цел да не роди машко дете кое би бил законит наследник на престолот и со тоа би претставувало опасност за Нумитор. Но, Реа Силвија иако била весталка таа сепак забременила, а татко бил римскиот бог на војната Марс. Подоцна Реа Силвија родила машки близнаци – Ромул и Рем. Откако Амулиј дознал за ова тој наредил близнаците да се фрлат во реката Тибар. Близнаците сепак на крајот се спасиле, бран ги исфрлил на брегот каде биле сретнати од волчица која ги доела и благодарение на неа тие не умреле од глад. Потоа бебињата биле најдени од страна на пастир кој ги одгледал. Кога пораснале Ромул и Рем тие дознале за нивното потекло. Па така, близнаците работите ги презеле во свои раце. Имено, го убиле Амулиј и го вратиле на престолот нивниот дедо Нумитор, а тие решиле да основат нов град, покрај брегот на реката Тибар, односно во близина на местото каде биле чудесно спасени. При основањето на овој град избила кавга помеѓу браќата. Во оваа кавга Ромул го убил Рем. Ромул многу се каел за овој чин, тој дури сакал да се самоубие, но бил спречен. По ова, Ромул продолжил со основањето на градот и во негова чест тој град бил наречен Рим (на латински Рома). Според традицијата Ромул бил прогласен за крал, што значи дека тој бил првиот крал на Рим.
Како што погоре напоменавме, прашање е до кој степен оваа легенда е вистинита. Но, интересно е да се напомене дека неодамна во Рим е пронајдена гробница, за која некои истражувачи сметаат дека можно е да му припаѓа на Ромул.
                                                                           Волчицата ги дои Ромул и Рем


                                                                        Пронајдената гробица во Рим
Општествено и државно уредување
И за крај да видиме какво било општественото и државното уредување во Рим.
Во најстаро време во Рим имало родовско уредување. Како изминувало времето, родовите се распаднале на повеќе фамилии. На чело на секоја фамилија стоел татко наречен патер.
А сега да се потсетиме на кратко за населението во Атина. Таму рековме дека населението било поделено на три слоја, и тоа: аристократи (благородници), демос (народ) и робови. Аристократите биле видни граѓани кои на почетокот ја имале целата власт во државата и имале многу поголеми права во однос на демосот, а пак за робовите да не говориме. Како резултат на оваа нерамноправност, демосот и робовите на различен начин се бореле за повеќе права. Слична е ситуацијата и во Рим.
Имено, населението во Рим било поделено на слободни луѓе и на робови. Слободните луѓе биле поделени на патрикии и плебејци. Патрикиите биле богатите и на почетокот ги имале сите права и тие ги добивале високите функции во државата. Плебејците пак се занимавале со земјоделство, занаетчиство и трговија. Исто така, плебејците плаќале данок на државата и служеле во војската. На почетокот плебејците не добивале високи функции. Бракот помеѓу патрикиите и плебејците бил забранет, се со цел да нема мешање меѓу нив.
Како во Атина, така и во Рим имаме судир помеѓу слоевите бидејќи како што можеме да видиме и тие не биле рамноправни.
На почетокот со Рим управувал крал кој бил заповедник на војската, врховен свештеник и врховен судија. Освен кралот, имаме сенат и народно собрание во кои се донесувале одредени одлуки. Народното собрание го сочинувале сите полнолетни мажи војници, додека пак сенатот го сочинувале старешините на најбогатите и најугледните родови.
Како што погоре напоменав, Римјаните во 509 год. пред н. е. го протерале последниот крал, и со тоа се променило државното уредување на оваа држава, односно Рим станал република, а сенатот станал многу помоќен. Подетално за ова ќе разговараме во наредната лекција.
                                                                               Сенатот во Рим

Comments

Popular posts from this blog

VII одделение: Тема 6; Лекција (1): Самостојни владетели во Македонија во XIII век

Почитувани ученици, пред да започнеме уште еднаш да ви напоменам дека блогов ќе ви служи како дополнително помагало при совладување на материјалот. Тука ќе прочитате повеќе работи отколку во учебникот се со цел полесно да го совладате материјалот кој го имате во него. Со оглед на тоа дека ја завршивме тема 5, сега започнуваме со тема 6 која носи наслов „Македонија во развиениот и доцниот среден век“. Прва лекција од оваа тема носи наслов „Самостојни владетели во Македонија во XIII век“ која во учебникот е од страна 85 до страна 87. Додека читате од блогов нека ви биде и учебникот пред вас а особено картата на страна 87 и читајте комбинирано. Секако, пред вас нека има и по некое овошје и вода. А сега, да се фатиме за работа! Одиме со првата лекција од новата тема! Самостојни владетели во Македонија во XIII век Добромир Хриз Кон крајот на XII век бројни крупни феудалци ја отфрлиле византиската власт и започнале самостојно да владеат. Ние во оваа лекција ќе се з...

VIII одделение: Тема 3; Лекција (6): Македонските организации и друштва во емиграција

Почитувани ученици, пред да започнеме уште еднаш да ви напоменам дека блогов ќе ви служи како дополнително помагало при совладување на материјалот. Тука ќе прочитате повеќе работи отколку во учебникот се со цел полесно да го совладате материјалот кој го имате во него. Со оглед на тоа дека ја завршивме лекцијата кој носи наслов „Борбата за самостојна црква“, сега започнуваме со нова лекција која носи наслов „Македонските организации и друштва во емиграција“. Оваа лекција во учебникот е од страна 109 до страна 111. Додека читате од блогов нека ви биде и учебникот пред вас за да читате комбинирано. Секако, пред вас нека има и по некое овошје и вода. А сега, да се фатиме за работа! Одиме со новата лекција! Македонските организации и друштва во емиграција Причини за емиграцијата Во XIX век многу Македонци заминале во соседните балкански земји, но и ширум светот. Некои заминале привремено, некои засекогаш. Имало повеќе причини за оваа емиграција, ние ќе издвоиме три, и тоа: ...