Skip to main content

VIII одделение: Тема 3; Лекција (6): Македонските организации и друштва во емиграција

Почитувани ученици, пред да започнеме уште еднаш да ви напоменам дека блогов ќе ви служи како дополнително помагало при совладување на материјалот. Тука ќе прочитате повеќе работи отколку во учебникот се со цел полесно да го совладате материјалот кој го имате во него.
Со оглед на тоа дека ја завршивме лекцијата кој носи наслов „Борбата за самостојна црква“, сега започнуваме со нова лекција која носи наслов „Македонските организации и друштва во емиграција“. Оваа лекција во учебникот е од страна 109 до страна 111. Додека читате од блогов нека ви биде и учебникот пред вас за да читате комбинирано. Секако, пред вас нека има и по некое овошје и вода.
А сега, да се фатиме за работа! Одиме со новата лекција!


Македонските организации и друштва во емиграција

Причини за емиграцијата
Во XIX век многу Македонци заминале во соседните балкански земји, но и ширум светот. Некои заминале привремено, некои засекогаш. Имало повеќе причини за оваа емиграција, ние ќе издвоиме три, и тоа: економски, политички и образовни.
Економски причини
Најмногу луѓето се иселувале од економски причини. Ова не треба воопшто да не изненадува ако се потсетиме во каква тешкa економска состојба била Османската држава во овој период, состојба која директно негативно влијаелa врз населението во Македонија.
Политички причини
Многу Македонци се иселувале благодарение на нивните политички ставови кои не биле во согласност со Османската држава. Како резултат на ова, тие биле прогонувани од османските власти, па така, бројни Македонци биле приморани да се иселат.
Образовни причини
Исто така, имаме и Македонци кои се иселувале се со цел да го продолжат своето образование.

Македонците кои што се иселиле не ја заборавиле својата татковина. Тие се интересирале за неа, a за да и помогнат се здружувале во разни организации и друштва.

А сега ќе се осврнеме подетално на некои друштва и организации во Бугарија, Србија како и во некои поголеми европски земји.

Македонски друштва и организации во Бугарија
Откако се ослободила Бугарија, таму заминале голем број на Македонци. Македонците во Бугарија се организирале во разни здруженија преку кои настојувале да го помогнат ослободувањето на Македонија. Тие ја проучувале и истакнувале посебноста на македонскиот јазик, историја и култура. А сега, да издвоиме неколку од нив.
Во Бугарија силна дејност развил Коста Шахов. Коста Шахов во 1888 година започнал да го издава весникот „Македонија“ кој со прекини излегувал се до 1893 година. Во првиот број на овој весник Коста Шахов истакнува: „ние Македонците ... не смееме да си ја заборавиме татковината и должни сме да работиме за подобрување на нејзината положба, бидејќи како народ ќе бидеме одговорни пред нашето потомство“.
Тука можеме да ја споменеме и Словено-македонската книжевна дружина на Ѓорѓија Пулевски.
Во 1890 година македонски студенти во Софија формирале Македонско студентско друштво (МСД). Во ова друштво членувале повеќемина, а ние ќе издвоиме само неколку, и тоа: Даме Груев, Петар Поп Арсов и Никола Наумов. Посебна улога во организирањето на друштвото одиграл и Коста Шахов. Целите на МСД биле: 1) Ослободување на Македонија од турско ропство; 2) Формирање на револуционерна организација во Македонија; 3) Врбување на сомисленици и нивно препраќање во Македонија и 4) Издавање на едно списание што ќе се спротивстави „не само на турскиот терор, туку и на туѓите пропаганди што го цепат народот (македонски б.н.) на Срби, Грци и Бугари.“
Наскоро бугарските власти ќе уапсат двајца членови на МСД, односно Даме Груев и Никола Наумов. Друштвото со цел да избегне предвремени жртви ја прекинало својата активност.
Набрзо, во 1891 година во Софија од ова друштво израснала Младата македонскa книжевна дружина (ММКД). Во оваа дружина членувале голем број на македонски интелектуалци, како на пример: Петар Поп Арсов, Коста Шахов, Иван Хаџи Николов. Христо Матов и др. Дружината од јануари 1892 година започнала да го издава списанието „Лоза“ и затоа овие членови биле наречени Лозари. Тие се залагале за македонски литературен јазик, за обнова на Охридската Архиепископија и за спротивставување на странските пропаганди во Македонија. Како резултат на ова, списанието било забрането од страна на бугарските власти.
Неколку години подоцна, во 1895 година во Бугарија од патриотски побуди бил формиран Врховен македонски комитет (ВМК), но набрзо оваа организација потпаднала под бугарско влијание.

Македонски друштва во Србија
Како и во Бугарија, така и во Србија, Македонците формирале бројни друштва, од кои ние ќе издвоиме две. Во Белград било формирано македонското друштво Вардар. Во него членувале македонски ученици и студенти. Ова друштво имало за цел да ја изучува Македонија од географски, историски и етногеографски аспект. Еден од поистакнатите членови бил Крсте Петков Мисирков. Но дејноста на ова друштво набрзо била забранета од српските власти.
Иако ова друштво било растурено, македонските ученици и студенти продолжиле со својата дејност. Имено, во почетокот на XX век во Белград бил формиран Македонски клуб. Овој клуб издавал весник кој се викал „Балкански гласник“. Во уводната статија „Нашиот збор“ редакторите истакнуваат дека нивна цел е „умствено, морално, национално и политичко“ воспитување на своите сонародници. „Балкански гласник“ како најголемо зло ја истакнувал штетната дејност на шовинистичките пропаганди, кои „еден ист народ по традиција, јазик и вера го разделуваат на разни спротивни правци еден од друг потуѓи“, то ест го рушат народното единство.
Весникот потоа бил забранет, а членовите од овој клуб биле протерани од Србија. Голем дел од нив заминале за Русија.

Македонските организации и друштва во европските земји
Покрај Бугарија и Србија, бројни организации и друштва биле формирани и ширум европските земји. Во 1898 година во Швајцарија бил формиран Македонски таен револуционерен комитет (МТРК). Неговите членови сметале дека положбата на македонскиот народ може да се подобри со изведување на терористички акции. Тие идеите ги искажувале во весникот „Одмазда“.
Според Програмата објавена во февруари 1898 година МТРК ги истакнал следниве барања: полна независност и најширока слобода за македонскиот народ да си создаде какви што сака управи; борба против распалувањето на националниот антагонизам во Македонија, а со обединување на сите народности да се уништи турската власт; по постигањето на таа цел секоја народност во Македонија ќе може сама да реши дали ќе се присоедини кон некоја од соседните држави или ќе образува своја независна област; при разрешувањето на тоа прашање Комитетот не дозволува никакво туѓо мешање; тој бара населението само да се искаже без никаква надворешна принуда; за свои непријатели Комитетот ги смета, како турските власти, така и оние што им пречат на разни начини на неговата работа и на ослободителното дело на народот; тој не го смета за свој непријател турското население; од комитетот ќе зависи дали ќе ја прими помошта на последново во случај да изјави желба да учествува во уништувањето на султанската неограничена власт.
Прифаќајќи ја создадената положба во Македонија, Комитетот, во исто време, најрешително се изјаснувал против шовинистичките пропаганди: „На сите шовинистички акции во Македонија, биле тие од Бугарија, Грција, Србија или кои и да се други, нашите комитетски работници се должни да им се спротивставуваат, а самите носители во таа насока ќе и се предаваат на тајната полиција како најопасни народни непријатели“, се вели во забелешката кон Програмата, која всушност претставува уставно задолжение (чл. 81 од Уставот).
Од оваа група подоцна произлегле солунските атентатори.
И сосема за крај, ќе споменам дека македонски друштва се формирале и во Русија. Ќе го издвоиме Славјано-македонското научно литературно другарство, со седиште во Санкт Петербург. Ова друштво било формирано во 1902 година. Како едни од најистакнатите личности од ова друштво ќе ги издвоиме Крсте Петков Мисирков и Димитрија Чуповски. Славјано-македонското научно литературно другарство се залагало за македонски литературен јазик, признавање на Македонците како посебен народ и обнова на Охридската архиепископија, како македонска црква.




Петар Поп Арсов, Крсте Петков Мисирков, Даме Груев и списанието „Лоза“


Comments

Popular posts from this blog

VI одделение: Тема: Стариот Рим; Лекција (1): Основање на Римската држава

Почитувани ученици, пред да започнеме уште еднаш да ви напоменам дека блогов ќе ви служи како дополнително помагало при совладување на материјалот. Тука ќе прочитате повеќе работи отколку во учебникот се со цел полесно да го совладате материјалот кој го имате во него. Со оглед на тоа дека ја завршивме темата „Македонија во Стариот Век“ сега започнуваме со нова тема која носи наслов „Стариот Рим“. Во оваа тема ќе учиме за познатата Римска држава која од една обична мала државичка станала сила број еден. Првата лекција од оваа тема носи наслов „Основање на Римската држава“ која во учебникот е на страна 74 и страна 75. Додека читате од блогов нека ви биде и учебникот пред вас и читајте комбинирано. Секако, пред вас нека има и по некое овошје и вода. А сега, да се фатиме за работа! Одиме со првата лекција од новата тема! Основање на Римската држава Територија и население Како и секоја лекција која ја учевме претходно за некоја држава и народ, најпрвин разговараме за не...

VII одделение: Тема 6; Лекција (1): Самостојни владетели во Македонија во XIII век

Почитувани ученици, пред да започнеме уште еднаш да ви напоменам дека блогов ќе ви служи како дополнително помагало при совладување на материјалот. Тука ќе прочитате повеќе работи отколку во учебникот се со цел полесно да го совладате материјалот кој го имате во него. Со оглед на тоа дека ја завршивме тема 5, сега започнуваме со тема 6 која носи наслов „Македонија во развиениот и доцниот среден век“. Прва лекција од оваа тема носи наслов „Самостојни владетели во Македонија во XIII век“ која во учебникот е од страна 85 до страна 87. Додека читате од блогов нека ви биде и учебникот пред вас а особено картата на страна 87 и читајте комбинирано. Секако, пред вас нека има и по некое овошје и вода. А сега, да се фатиме за работа! Одиме со првата лекција од новата тема! Самостојни владетели во Македонија во XIII век Добромир Хриз Кон крајот на XII век бројни крупни феудалци ја отфрлиле византиската власт и започнале самостојно да владеат. Ние во оваа лекција ќе се з...