Почитувани ученици, пред да започнеме уште еднаш да ви напоменам дека блогов ќе ви служи како дополнително помагало при совладување на материјалот. Тука ќе прочитате повеќе работи отколку во учебникот се со цел полесно да го совладате материјалот кој го имате во него.
Со оглед на тоа дека ја завршивме тема 5, сега започнуваме со тема 6 која носи наслов „Македонија во развиениот и доцниот среден век“.
Прва лекција од оваа тема носи наслов „Самостојни владетели во Македонија во XIII век“ која во учебникот е од страна 85 до страна 87. Додека читате од блогов нека ви биде и учебникот пред вас а особено картата на страна 87 и читајте комбинирано. Секако, пред вас нека има и по некое овошје и вода.
А сега, да се фатиме за работа! Одиме со првата лекција од новата тема!
Добромир Хриз
Кон крајот на XII век бројни крупни феудалци ја отфрлиле византиската власт и започнале самостојно да владеат. Ние во оваа лекција ќе се задржиме само за феудалците во Македонија.
За полесно да сфатиме на кој начин и зошто баш во тој период одредени феудалци во Македонија ја отфрлиле византиската власт, мора да видиме што се случувало со Византија, а и со Балканскиот Полуостров во дадениот период.
Имено, во 1185 година во Византија имаме династички преврат и власта ја презела нова династија, династијата Ангели. За цар бил прогласен Исак II Ангел. Исто така, во овој период се кренале на востание браќата Петар и Асен, востание кое завршило со формирање на Второто Бугарско Царство. Дополнителни главоболки на царот Исак II Ангел му правел Стефан Немања, кој успеал целосно да ја отфрли византиската власт. Проблем биле и крстоносците кои на патот за Ерусалим поминале низ Балканскиот Полуостров. И за крај, да не го заборавиме племето Кумани кои исто така биле во судир со Византија.
Царот Исак II Ангел
Како што можеме да видиме, Византија во овој период се соочувала со бројни проблеми. Ваквата ситуација ја искористил крупниот феудалец Добромир Хриз, кој на мошне умешен начин успеал да ја отфрли византиската власт и започнал самостојно да владее.
Како што можеме да видиме, Византија во овој период се соочувала со бројни проблеми. Ваквата ситуација ја искористил крупниот феудалец Добромир Хриз, кој на мошне умешен начин успеал да ја отфрли византиската власт и започнал самостојно да владее.
На почетокот Добромир Хриз владеел со седиште во Струмица, но откако ја освоил соседната тврдина Просек (кај Демир Капија), токму таа тврдина станала негово ново седиште. По осамостојувањето нему му се придружиле бројни крупни, а и ситни феудалци.
Едни од главните пишани извори за Добромир Хриз се Никита Хонијат (1155-1217) и Теодор Скутариот (XIII век).
Теодор Скутариот за Просек пишува:
„тој повеќе (се мисли на Добромир Хриз) не се секирал од напад на императорот, бидејќи внатре (во тврдината) складирал многу резерви од храна и по планината одгледувал овци и говеда. Единствен недостаток била водата, па затоа морало да се доставува вода од реката Вардар, која порано се нарекувала Аксиј.“
Никита Хонијат пак пишува:
„Во независното кнежевство на Хриз биле вклучени и повеќе други гратчиња и села кои му биле потчинети на Хриз.“
Во 1199 година византискиот цар Алексиј III Ангел со голема војска се обидел да стави крај на самостојното владеење на Добромир Хриз. Тој се упатил кон Просек а попатно освоил и опустошил неколку тврдини. Византија извршила опсада на тврдината Просек но таа завршила неуспешно. Добромир Хриз успеал да се одбрани.
За крајниот епилог од овој судир Никита Хонијат пишува дека царот Алексиј III Ангел му ги отстапил на Добромир Хриз:
„Просек, Струмица и околните населби и му ветил дека ќе го ожени за една од своите роднини.“
Добромир Хриз кратко време имал мирни односи со Византија. Наскоро тој освоил територии во Пелагонија на сметка на Византија, но на крајот од овој судир овие територии му биле вратени на царот. Покрај ова, царот на Добромир Хриз му ја дал за жена својата внука Теодора.
Но наскоро, во почетокот на XIII век византискиот цар Алексиј III Ангел со итрина го победил Добромир Хриз и ставил крај на неговото самостојно владеење. Никита Хонијат и Теодор Скутариот повеќе не го споменувале Добромир Хриз, тој целосно исчезнал од историската сцена.
А сега да преминеме малку на уште два лика кои исто така успеале да се осамостојат.
Имено, по убиството на бугарскиот цар Калојан и кралот на Солунското Кралство Бонифациј Монфератски, во Македонија како самостојни феудални владетели завладеале Стрез и Алексиј Слав. Тие го искористиле слабеењето на Солунското Кралство, а и на Второто Бугарско Царство како и незадоволното население во Македонија.
Никифор Грегора (1295-1360) пишува дека сите места до Солун и Македонија за време на владеењето на бугарскиот цар Калојан биле претворени во „скитска пустина“.
Стрез
Откако пропаднало кнежевството на Добромиз Хриз, во почетокот на XIII век, во Македонија со центар во Просек се осамостоил Стрез. На почетокот Стрез имал силна подршка од српскиот голем жупан Стефан. Стефан во Стрез гледал алат преку кој ќе може територијално да се прошири во Македонија.
Стрез успеал своето кнежевство да го прошири по средниот и горниот тек на реката Вардар. Тој често војувал со Србите, Бугарите, Солунското Кралство, како и со Епирското Деспотство. Неговата политика била мошне променлива. Одреден период со одредена држава бил во пријателски односи, а потоа во непријателски. Стрез секогаш го гледал личниот интерес. Оваа политика на Стрез не треба воопшто да не зачудува бидејќи сепак, во политиката нема емоции туку само интерес!
Во 1214 година Стрез заминал во поход против Србија. Тој за време на преговорите бил на подмолен начин убиен од страна на Србите, и со тоа се ставило крај на неговото владеење.
Кнежевството на Стрез се простирало од Полошката област и Скопје на север, до градот Верија на југ, и од Охрид на запад па се до средниот тек на реката Струма на исток.
Алексиј Слав
Во почетокот на XIII век исто како Стрез, и Алексиј Слав создал независно самостојно кнежевство. Имено, неговото кнежевство се наоѓало по средниот тек на реката Струма со центар во градот Мелник.
Алексиј Слав често војувал со Бугарите. Како резултат на ова, тој стапил во сојуз со Латинското Царство. Георги Акрополит (1217-1282) пишува дека Слав:
„паднал на колена, му ги бакнал нозете и раката на императорот и му предложил потчинетост.“
По предлог на војсководецот Вилардуен, сојузот бил зацврстен со склучување на брак помеѓу Алексиј Слав и ќерката на императорот Хенрих. Свадбата се одржала во Константинопол каде Алексиј Слав од императорот Хенрих бил удостоен со титулата деспот.
Како и Стрез, и Алексиј Слав водел променлива политика. По смртта на латинскиот цар, тој влегол во сојуз со епирскиот владетел Теодор I. Но како и Стрез, така и Алексиј Слав нема да успее да го задржи кнежевството. На крајот тоа ќе биде приклучено во рамките на бугарската држава.
Comments
Post a Comment