Почитувани ученици, пред да започнеме уште еднаш да ви напоменам дека блогов ќе ви служи како дополнително помагало при совладување на материјалот. Тука ќе прочитате повеќе работи отколку во учебникот се со цел полесно да го совладате материјалот кој го имате во него.
Со оглед на тоа дека ја завршивме темата кој носи наслов „Светот, Европа и Балканот во Втората светска војна“, сега започнуваме со нова тема „Светот, Европа, и Балканските земји по Втората светска војна“. Прва лекција од оваа тема е „Меѓународните односи по Втората светска војна“, каде во учебникот е од страна 108 до страна 110.
Додека читате од блогов нека ви биде и учебникот пред вас за да читате комбинирано. Секако, пред вас нека има и по некое овошје и вода.
А сега, да се фатиме за работа! Одиме со новата лекција!
Меѓународните односи по Втората светска војна
Кога ја обработувавме Втората светска војна видовме дека последиците биле тешки. Преку 70 милиони загинати луѓе, огромни материјални загуби, разорени економии кои воделе кон глад и сиромаштија итн. Сето ова водело кон нов светски поредок и рамнотежата на силите бил променета.
Имено, по оваа голема војна, САД и СССР се афирмирале како нови големи сили, додека пак останатите држави кои некогаш се воделе како големи сили паднале во тешка економска криза. Па така, сега имаме ново ривалство. Овие две држави ќе влезат во судир, но овој судир не бил класичен судир, како Втората светска војна, па и претходните војни за кои учевме, oвој судир бил поинаков.
Причината за судирот помеѓу овие две големи држави е едноставна, идеолошка разлика (капитализам vs комунизам), како и борба за моќ и влијание ширум светот.
Пред да преминеме подетално на овој судир, најпрвин ќе разговараме за ООН, судските процеси и за Париската мировна конференција. А сега, да преминеме на нив за нештата да ви станат појасни.
Формирањето на ООН
Во 1945 година во Сан Франциско била формирана Организацијата на обединетите нации (ООН) која постои до ден денес. Целта на оваа меѓународна организација е одржување на меѓународниот мир и безбедност. ООН врши бројни акции кон постигнување на оваа цел. Како на пример акции за спречување на заканите по мирот, актите на агресија, повреди на мирот, решавање на споровите по мирен пат, развивање на пријателски односи меѓу државите, унапредување на човековите права, почитување на човековите права и слободи без разлика на раса, пол, јазик или вера итн.
А сега да ја видиме структурата на оваа организација. Таа има повеќе тела но ние ќе издвоиме три, и тоа: Генералното собрание (главно претставничко тело на ООН), Советот за безбедност (примарна одговорност: одржување на меѓународниот мир и безбедност) и Секретаријатот (административен орган на ООН раководен од генерален секретар).
За крај само да напоменам дека главната улога во Советот за безбедност ја имаат САД, СССР (потоа Руската Федерација), Кина, Велика Британија и Франција.
Следно што ќе разговараме се судските процеси во Нирнберг и Токио.
Судските процеси во Нирнберг и Токио
Како резултат од дејствијата на лица од поразената страна се отвориле судски процеси познати како Нирнбершки процес и Токиски процес, бидејќи се одржувале во Нирнберг, односно Токио.
Нирнбершки процес
Сојузниците уште во текот на војната се договориле да им се суди на воените злосторници. Па така, тој договор на крајот се исполнил.
Во Нирнбершкиот процес биле обвинети вкупно 24 лица (политичари, офицери, индустријалци, јавни личности итн.). Тие биле обвинети за: учество во заеднички план или заговор за спроведување на злосторства против мирот (во кривичното право, заговор е договор помеѓу две или повеќе лица за извршување на кривично дело во некој период во иднина), планирање, започнување и водење на агресивна војна, воени злосторства (воени злосторства вклучуваат намерно убивање цивили и затвореници, тортура, безобѕирно уништување на имот, земање на заложници, перфидност, силување, користење на деца за војници, грабеж, користење на оружје што предизвикува непотребни повреди или непотребно страдање) итн.
Крајниот епилог од овој процес бил следен: 12 лица биле осудени на смрт (со бесење), останатите добиле временски казни или пак биле ослободени од обвинение.
Кликајте на сликите!
Кликајте на сликите!
Нирнбершки процес
Токиски процес
Како што погоре напоменавме, како во Нирнберг, така и во Токио се отворил судски процес. Во овој процес биле обвинети 28 лица (политичари, воени лица, дипломати итн.). Ним им се судело за воените злосторства направени пред и за време на Втората светска војна.
Крајниот епилог од овој судски процес бил следен: 7 лица биле осудени на смрт, некои добиле временска казна, некои биле ослободени од обвинение а пак некои починале за време на процесот.
Токиски процес
Париската мировна конференција
Во Париз се одржила Париската мировна конференција која резултирала со потпишување на мировни договори на 10 февруари 1947 година. Имено, биле потпишани мировни договори со сојузниците на Германија, односно Италија, Бугарија, Унгарија, Романија и Финска.
Со договорите било утврдено дека: овие држави можат да продолжат да функционираат како независни држави, можат да станат членки на ОН, утврден е начинот и висината на воените репарации, почитување на малцинските права, територијални измени (или во најголем дел, враќање на состојбата како пред Втората светска војна) на границите меѓу – СССР и Финска, СССР и Романија, Романија и Бугарија, Југославија и Италија, Унгарија и Чехословачка, Франција и Италија.
Воените репарации на Германија кон сојузничките сили биле утврдени со одлуките на Потсдамската конференција (околу 23 милијарди долари; за оваа конференција работевме минатото полугодие), а во однос на другите држави биле склучени билатерални договори во кои бил регулиран и начинот на исплата на воените репарации: финансиски средства, опрема, машини, индустриски постројки, работна сила итн.
Сега пред да преминеме на блоковската поделба на светот и Студената војна, најпрвин уште еднаш да се потсетиме за нешто многу важно што работевме минатото полугодие.
Рековме дека Германија била поделена на окупациони зони, и тоа: американска окупациона зона, британска окупациона зона, француска окупациона зона и советска окупациона зона. За градот Берлин рековме дека не потпаднал под ничија целосна окупација, туку и тој бил поделен на окупациони зони од истиве држави кои ги наведов. Исто така имаме и помали окупациони зони, тоа се: белгиската, полската и луксембуршката окупациона зона.
Во 1949 година од трите западни окупациони зони била создадена Сојузна Република Германија, додека пак од источната зона била создадена Источна Германија. Овие окупации траеле до 1955 година, а пак поделбата ќе трае до 1990 година кога Германија повторно ќе се обедини.
Блоковската поделба на светот и Студената војна
Како што напоменав на почетокот, после Втората светска војна САД и СССР се афирмирале како нови големи сили, додека пак останатите држави кои некогаш се воделе како големи сили паднале во тешка економска криза. САД и СССР, некогашните сојузници стануваат непријатели. Ова нивно непријателство ќе резултира со блоковска поделба на светот и со нова војна која била поинаква, та затоа била наречена Студена војна.
Благодарение на овие две држави светот бил поделен на два блока, и тоа: Источен блок предводен од СССР, и Западен блок предводен од САД. Овие два блока се разликувале од многу аспекти и воопшто не биле пријателски настроени. Ривалството било премногу големо.
По војната САД го изготвил Маршаловиот план (името е според креаторот на овој план, Џорџ Маршал) чија цел била економска помош за обновување на разурнатата економија во Европа и европските држави од воените дејствија во Втората светска војна. Нешто слично ќе подготви и СССР, нивниот план е наречен Молотов план според Вјачеслав Молотов кој бил министер за надворешни работи на СССР од 1939 до 1949 год. и од 1953 до 1956 год.
Џорџ Маршал
Вјачеслав Молотов
Како резултат на сево ова настанала Студената војна (1947-1990). Оваа војна не е класична војна како претходните, туку војна на сосема поинаков начин изразена преку постојани несогласувања, недоразбирања, "надмудрувања", конфронтации и тензии од политички, воени, културни, економски, научно-технолошки карактер итн., меѓу западниот блок предводен од САД и неговите западни сојузници и источниот блок предводен од СССР и неговите сојузници. Затоа била наречена Студена војна. Причината за оваа војна ја споменав погоре, идеолошката разлика (капитализам vs комунизам) како и борба за моќ и влијание.
А сега да видиме кои биле карактеристиките на оваа војна. Карактеристики имаме многу, јас ќе ви набројам неколку, и тоа: трка во вооружување (нуклеарно и конвенционално), издвојување на големи финансиски средства во воените буџети, концентрација на огромни воени сили (луѓе, воена опрема, воена техника, логистика итн.) на територијата на западна и источна Европа, создавање на воени, политички и економски сојузи и институции (НАТО (воено-политички сојуз формиран 1949 год. од страна на западните држави предводени од САД), Варшавски пакт (воено-политички сојуз формиран 1955 год. од страна на источните држави предводени од СССР), итн.), борба за влијание и пресметка преку "учество" во т.н. „регионални или локални војни“ кои се водат насекаде низ светот (примери: Корејска војна, Виетнамска војна, Авганистанска војна, кризи на Блискиот исток, кризи во Африка, кризи во средна и Јужна Америка итн.) поради револуционерни, етнички, религиозни, идеолошки причини, потоа имаме политичка, економска и воена помош на разни политички движења. Исто така имаме и водење на психолошка војна и пропаганда, шпионажа, натпревар во развојот на науката и технологијата (на пример: вселенската трка), бојкоти на спортски натпревари (Олимписките игри во Москва 1980 год. и Олимписките игри во Лос Анџелес 1984 год.) итн.
Благодарение на оваа војна се отвориле многу жаришта ширум светот, погоре напоменав неколку, а кулминација била Кубанската криза, кога светот бил буквално на работ на Трета светска (атомска) војна.
Во 1961 година во Берлин бил изграден Берлинскиот ѕид како граница на овие два блока. Овој ѕид станал симбол за поделеноста на Европа.
Во овој период се формирала нова меѓународна организација под името „Движење на неврзаните“ во Белград во 1961 година. Негови креатори се Џавахарлал Нехру (Индија), Кваме Нкрумах (Гана), Гамал Абдел Насер (Египет), Ахмед Сукарно (Индонезија) и Јосип Броз Тито (Југославија). Оваа организација постои до ден денес, а во ова време нејзините членки не припаѓале на ниту еден од двата блока, та затоа оваа организација ја нарекуваат и под името „Третиот свет“. Принципите на движењето биле насочени кон: осигурување на националната независност, суверенитетот и територијалниот интегритет и безбедноста на неврзаните земји, мирољубива коегзистенција, ненапаѓање, еднаквост, борба против империјализмот, колонијализмот, неоколонијализмот, апартхејдот, расизмот, ционизмот, странска агресија, доминација, мешање во внатрешните работи, хегемонија, противење на блоковската поделба, поддршка на нацоналната борба за ослободување, борба против сиромаштијата итн.
Џавахарлал Нехру (Индија), Кваме Нкрумах (Гана), Гамал Абдел Насер (Египет), Ахмед Сукарно (Индонезија) и Јосип Броз Тито (Југославија)
И сосема за крај, ќе разговараме за формирањето на ЕУ.
Формирање на ЕУ
Благодарение на тешката економска положба во која била Европа по Втората светска војна, државите од овој крај на светот имале потреба од економско обединување, се со цел да ја надминат кризата. Па така, била формирана Европската економска заедница (1957) во Рим. Преку оваа организација во Мастрихт 1993 година била формирана Европската Унија (ЕУ) која постои до ден денес. Целите на оваа унија се: мир, безбедност, благосостојба, правда, бришење на границите, развој на економијата, развој на науката и технологијата, недискриминација, развој на човекови права, социјални права, култура итн.
Оваа организација вовела единствена европска валута – евро, има свое знаме како и химна („Ода на радоста“ од Деветтата симфонија на Бетовен).
Знамето на ЕУ
Comments
Post a Comment