Почитувани ученици, откако ги прочитавте упатствата кои ви ги напишав на Google Classroom, сега почнуваме со нова односно со втората лекција од темата „Стариот Рим“, која носи наслов „Јакнење и проширување на Римската држава“. Во оваа лекција ќе разговараме за јакнењето и територијалното проширување на Римската држава која во учебникот е од страна 76 до страна 78. Исто така, додека го читате текстот задолжително да ја користите картата која ви се наоѓа на страна 84.
Пред да преминеме да говориме за јакнењето и проширувањето на Римската држава, најпрвин малку ќе се задржиме за новото државно уредување на Римската држава како и за нејзината војска.
На крајот од минатата лекција споменавме дека во 509 год. пред н.е. Римјаните го протерале последниот крал и се ослободиле од власта на Етрурците. Како резултат на протерувањето на последниот крал имаме промена на државното уредување на оваа држава. Имено, повеќе немаме кралство, туку република. Па така, од сега па натаму оваа држава ќе ја викаме под името Римска република. Со оглед на тоа дека сте VI одделение нема многу да се задлабочиме во значењето на републиката како вид на државно уредување. Важно е да знаете дека сега власта во државата е поделена, не е како во времето кога Рим бил кралство. Сега наместо крал, се избирале двајца консули, кои управувале со државата една година. Консул е највисок службеник во Римската република. Сенатот сега добива многу поголема улога. Тој се претворил во највисок орган во републиката кој на почетокот бил составен од 300 луѓе кои имале над 60 години. Овој орган расправал за сите државни прашања, како на пример: за војната и мирот, за поделбата на земјата, за религиозните прашања итн. Во сенатот во главно членувале бивши државни службеници (магистрати). На почетокот списокот на сенатори го составувал консулот. Овој список носел назив album. Во него сенаторите се запишувале по ред, односно по ранг, почнувајќи од највисоката функција (консул) па надолу.
Народното собрание продолжило да си функционира, него го сочинувале сите слободни Римјани.
Ова е само дел од државните органи и функции во Римската држава, нив ги има многу повеќе.
Ова е само дел од државните органи и функции во Римската држава, нив ги има многу повеќе.
Римската војска
Еден од главните виновници за територијалното проширување на Римската држава била војската. Таа била мошне добро извежбана и вооружена. Во неа членувале луѓе на возраст од 17 до 45 години. Побогатите служеле во коњицата, додека пак останатите во пешадијата. Основна единица во римската војска била легијата. Таа се состоела од лесна пешадија, тешка пешадија, како и коњица. Вкупната бројка на легијата изнесувала околу 5000 војници. На страна 76 од учебникот можете да видите слика од римски војник. Тие имале голем штит, кус меч (наречен гладиус) или копје. На горниот дел од телото имале заштитен оклоп а на главата шлем.
Тие биле строго казнувани за непослушност и непокорност, но и богато наградувани и одликувани за храброст.
Покорување на Апенинскиот Полуостров
Откако се ослободиле од етрурската власт, Римјаните започнале да водат војни со племињата од Апенинскиот Полуостров. Тие војувале со Умбрите, Оските, Етрурците итн. Римската република постепено го освоила средниот и јужниот дел од Апенинскиот Полуостров, а веќе кон средината на III век пред нашата ера таа станала господар на целиот полуостров.
Освојувања во Африка, Европа и Азија
Откако Римјаните ја покориле Италија, тие започнале да освојуваат територии околу Средоземното Море. Римската Република полека на сигурно станувала мошне силна држава во западниот дел од Средоземното Море.
Во тој дел од овој период најсилна држава била Картагина. Картагина била држава во Северна Африка, на брегот на Средоземното Море. Картагинците биле одлични морепловци и вешти трговци.
Е сега ни се јавува еден проблем. Ја имаме моќната Картагина, која сака да се проширува, да биде единствена силна држава во западниот дел од Средоземното Море, а за да остане така нема да дозволува подем на одредени држави. Во случајов дали имаме држава во подем? Секако дека да. Која е таа? Римската република. Дали Рим ќе сака да ја слуша Картагина? Не! Што значи тоа? Тоа значи дека е незбежна војна помеѓу овие две држави. Тоа и се случило. Помеѓу Картагина и Рим ќе избие војна, и тоа не една, туку три. Тие војни се наречени Пунски војни бидејќи Картагинците од страна на Римјаните биле нарекувани Пуни. Во сите три пунски војни победиле Римјаните. Првата била најдолга, Втората највозбудлива, а со Третата пунска војна Картагина била целосно уништена.
Првата Пунска војна траела од 264 до 241 год. пред н.е., Втората од 218 до 201 год. пред н.е. и Третата од 149 до 146 год. пред н.е. По овие војни, Рим станала сила број еден во западниот дел од Средоземното море. За нив подетално ќе разговараме наредната недела.
Римјаните исто така воделе војни и на Балканскиот Полуостров. Ги покориле Македонците, Хелените, Илирите и другите балкански народи. Но за ова подетално ќе разговараме во една од наредните лекции. Римјаните исто така ја освоиле Дакија (денешна Романија), Мала Азија, Сирија, Палестина и Египет. Па така, тие станале господари на целиот источен дел од Средоземното Море. Кон средината на првиот век пред нашата ера Римјаните ја освоиле Галија. Тоа ви е денешна Франција и Белгија. Овој поход било дело на еден од најпознатите Римјани, Гај Јулиј Кајсар за кого подетално ќе разговараме понатаму. Па така, Рим од една обична мала државичка ќе се прошири на три континети (Европа, Азија и Африка) и ќе стане светска сила.
Освоените земји биле претворени во провинции (за ова подетално ќе ви објаснам при нашата средба на Zoom) кои биле раководени од страна на управници поставени од Рим.
Триумф
А сега, откако завршивме со јакнењето и проширувањето на Римската република, сосема за крај, малку ќе разговараме за триумфот. Да видиме што е тоа. Дали паметите како свечено го пречеκувавме тимот на РК Вардар со пехарот откако стана европски шампион? Нешто слично правеле и Римјаните. Имено, војсководецот откако извојувал победа во некоја војна бил наградуван со триумф. Тоа било свечена поворка во која војсководецот, следен од војниците, заробениците и пленот се враќал во Рим и свечено влегувал во градот. Тој исто така влегувал во храмот на Јупитер (нивниот врховен бог) и принесувал жртви.
Гај Јулиј Кајсар
Comments
Post a Comment