Skip to main content

VII одделение: Тема 6; Лекција (2): Самостојни феудални држави во XIV век

Почитувани ученици, откако ги прочитавте упатствата кои ви ги напишав на Google Classroom, сега почнуваме со нова, односно со втората лекција од тема 6, која носи наслов „Самостојни феудални држави во XIV век“. Лекцијата во учебникот ви е од страна 88 до страна 90. Во оваа лекција ќе разговараме за одредени феудалци од XIV век кои успеале да создадат свои држави на македонско тло.
Додека читате, задолжително да ја користите картата на страна 89! А сега, да преминеме подетално на лекцијата.
Најголем дел од Македонија во овој период била под српска власт. Но наскоро одредени феудалци ќе успеат да формираат свои држави на оваа територија.
Сега ќе постапиме нешто слично како во минатата лекција, кога учевме за кнежевствата на Добромир Хриз, Алексиј Слав и на Стрез. За полесно да сфатиме на кој начин и зошто баш во тој период одредени феудалци во Македонија ја отфрлиле српската власт и успеале да формираат свои држави, мора да видиме што се случувало со српската држава, бидејќи нели, погоре напоменав дека најголем дел од територијата на Македонија во овој период влегувала во составот на српската држава. Затоа состојбата со српската држава и тоа како не засега.
Имено, рековме дека српската држава во времето на царот Душан го доживеала врвот од својата моќ, а по неговата смрт државата значително почнала да слабее. Како резултат на слабеењето на српската држава, одредени феудалци успеале да формираат држави во Македонија, а тие држави се: Серското кнежевство, Прилепското кралство и државата на Јован и Константин Драгаш. А сега да преминеме малку на нив.

Серското кнежевство
Околу 1365 година, Јован Углеша го искористил слабеењето на српската држава и во југоисточна Македонија основал независна држава со центар во градот Сер, та затоа ова кнежевство го нарекуваме Серско кнежевство. Јован Углеша од страна на Византија ја добил титулата деспот. Византија оваа титула не му ја дала затоа што имала некакви симпатии кон него, туку сакала да го придобие на нивна страна при судирот со Османлиите. Византија за разлика од некои, и тоа како била свесна за опасноста од Османлиите.
Во неговата држава покрај градот Сер и околината, влегувале и: Струмица, Драма, Кавала и Халкидик со Света Гора. На исток се простирала до реката Места, каде граничела со Османската држава, додека пак на запад се простирала до реката Вардар, каде граничела со државата на неговиот брат Волкашин.
Јован Углеша на манастирите од Света Гора им давал имоти, а ја имал и подршката од Охридската архиепископија. Ако земеме во предвид колку била влијателна црквата во Средниот Век, тогаш може слободно да заклучиме дека Јован Углеша се здобил со одлични сојузници.
Јован Углеша бил свесен за опасноста која доаѓала од Османлиите. Тие впрочем често му ја опустошувале територијата. За да стави крај на ова тој влегол во директен судир со нив. На помош му дошол неговиот брат Волкашин. При овој судир како одлучувачки настан ќе ја наведеме битката кај реката Марица во 1371 година. Во оваа битка Јован Углеша и Волкашин биле поразени од страна на Османлиите. И не само тоа, тие и загинале во таа битка. Јован Углеша бидејќи немал наследник, неговата држава ја наследил неговиот внук Марко. Подетално за понатамошниот тек на настаните ќе разговараме во наредната лекција. Сега да преминеме на Прилепското кралство.

Прилепското кралство
За време на владеењето на српскиот цар Душан, Волкашин извршувал должности во неговиот двор. Тој имал имоти јужно од Скопје, се до Прилеп. Затоа таму и ќе биде центарот на неговата идна држава. По смртта на царот Душан, како што напоменавме, српската држава почнала значително да слабее, а Волкашин тоа го искористил во негова корист. Тој бил крунисан за крал и наскоро целосно се осамостоил со центар во градот Прилеп. Затоа неговата држава ја викаме под името Прилепско кралство. Во време на најголемата моќ, неговата држава на север се простирала до Призрен и Приштина, на југ до Преспа и Охрид, на запад до Дебар и Кичево, а на исток, источно од реката Вардар.
Кралот Волкашин ковал свои монети, имал своја дворска канцеларија, тргувал со Дубровник, градел и обновувал цркви и манастири. Ова ни кажува дека државата на Волкашин не била за потценување.
На повик од неговиот брат Јован Углеша, заминал да му помогне во судирот со Османлиите, каде погоре напоменав дека во битката кај Марица и двајцата ќе загинат. За разлика од Јован Углеша, Волкашин имал наследник. По смртта на Волкашин, на чело на Прилепското кралство застанал неговиот син Марко.
И за крај, малку да се осврнеме на државата на Јован и Константин Драгаш.

Државата на Јован и Константин Драгаш
Браќата Јован и Константин Драгаш ја признавале власта на кралот Волкашин се до неговата смрт, во битката кај реката Марица. Тие ја искористиле смртта на Волкашин, а воедно и кризата на Прилепското кралство. Браќата се осамостоиле во северо-источна Македонија, со центар во градот Велбужд (Ќустендил). Оваа држава се протегала меѓу реките Вардар и Струма, со градовите Мелник и Струмица на југ, а на север до Прешево и Врање.
Во нивно време продолжило да се експлоатира рудата во Осоговските Планини, пред се во Кратово, Саса и Ќустендил. Благодарение на богатите рудници со кои располагале тие имале силна и организирана војска.
Постариот брат Јован ќе почине а државата ќе продолжи да ја води помалиот брат Константин. Но наскоро неговата држава ќе стане полунезависна, односно ќе стане вазал на моќните Османлиите.
                                                                Крал Волкашин

Comments

Popular posts from this blog

VI одделение: Тема: Стариот Рим; Лекција (1): Основање на Римската држава

Почитувани ученици, пред да започнеме уште еднаш да ви напоменам дека блогов ќе ви служи како дополнително помагало при совладување на материјалот. Тука ќе прочитате повеќе работи отколку во учебникот се со цел полесно да го совладате материјалот кој го имате во него. Со оглед на тоа дека ја завршивме темата „Македонија во Стариот Век“ сега започнуваме со нова тема која носи наслов „Стариот Рим“. Во оваа тема ќе учиме за познатата Римска држава која од една обична мала државичка станала сила број еден. Првата лекција од оваа тема носи наслов „Основање на Римската држава“ која во учебникот е на страна 74 и страна 75. Додека читате од блогов нека ви биде и учебникот пред вас и читајте комбинирано. Секако, пред вас нека има и по некое овошје и вода. А сега, да се фатиме за работа! Одиме со првата лекција од новата тема! Основање на Римската држава Територија и население Како и секоја лекција која ја учевме претходно за некоја држава и народ, најпрвин разговараме за не...

VII одделение: Тема 6; Лекција (1): Самостојни владетели во Македонија во XIII век

Почитувани ученици, пред да започнеме уште еднаш да ви напоменам дека блогов ќе ви служи како дополнително помагало при совладување на материјалот. Тука ќе прочитате повеќе работи отколку во учебникот се со цел полесно да го совладате материјалот кој го имате во него. Со оглед на тоа дека ја завршивме тема 5, сега започнуваме со тема 6 која носи наслов „Македонија во развиениот и доцниот среден век“. Прва лекција од оваа тема носи наслов „Самостојни владетели во Македонија во XIII век“ која во учебникот е од страна 85 до страна 87. Додека читате од блогов нека ви биде и учебникот пред вас а особено картата на страна 87 и читајте комбинирано. Секако, пред вас нека има и по некое овошје и вода. А сега, да се фатиме за работа! Одиме со првата лекција од новата тема! Самостојни владетели во Македонија во XIII век Добромир Хриз Кон крајот на XII век бројни крупни феудалци ја отфрлиле византиската власт и започнале самостојно да владеат. Ние во оваа лекција ќе се з...

VIII одделение: Тема 3; Лекција (6): Македонските организации и друштва во емиграција

Почитувани ученици, пред да започнеме уште еднаш да ви напоменам дека блогов ќе ви служи како дополнително помагало при совладување на материјалот. Тука ќе прочитате повеќе работи отколку во учебникот се со цел полесно да го совладате материјалот кој го имате во него. Со оглед на тоа дека ја завршивме лекцијата кој носи наслов „Борбата за самостојна црква“, сега започнуваме со нова лекција која носи наслов „Македонските организации и друштва во емиграција“. Оваа лекција во учебникот е од страна 109 до страна 111. Додека читате од блогов нека ви биде и учебникот пред вас за да читате комбинирано. Секако, пред вас нека има и по некое овошје и вода. А сега, да се фатиме за работа! Одиме со новата лекција! Македонските организации и друштва во емиграција Причини за емиграцијата Во XIX век многу Македонци заминале во соседните балкански земји, но и ширум светот. Некои заминале привремено, некои засекогаш. Имало повеќе причини за оваа емиграција, ние ќе издвоиме три, и тоа: ...